Проект

Предложениот проект се однесува на развојот на иновативен курикулум за социјално претприемништво како алтернатива за лицата кои се надвор од работа, образование и обука (т.н. лица од NEET) и невработеноста на младите воопшто. Главната цел на проектот е надополнување и подобрување на стручното образование и обука со обезбедување ефективни и ефикасни курсеви од областа на социјално претприемништво, зголемување на учеството и активирање на младите во оваа област, со што би се намалила инертноста која постои кај младите невработени лица, а со тоа би се намалил и степенот на невработеност. За младите кои се без формално образование и кои се надвор од работа и едукација е многу тешко да се најде работа. Сепак, и без формални обуки или искуства на пазарот на трудот, младите имаат компетенции. Глобализацијата, демографските промени, технолошкиот напредок и финансиските кризи создадоа големи предизвици за денешното општество. Луѓето се соочуваат со брзо менување на информации и мора да научат како да се остане во чекор со овие промени и напредокот. Со цел подобро вклопување во новите текови, потребата за прилагодување веќе не е избор. Од витално значење е луѓето да развијат вештини и компетенции од широк спектар на области кои ќе им овозможат адаптирање кон промените и развојот на околината. Неопходно е лицата кои се надвор од работа, образование и обука да се стекнат со потребните знаења, вештини и компетенции од областа на социјалното претприемништво за кое има зголемен интерес кај младите како начин за излез од кризата.
Првата целна група се младите лица со фокус на т.н. NEET група. Терминот NEET се однесува на млади лица кои не се ангажирани во ниедна форма на вработување, образование или обука. Оваа целна група е најзначајна затоа што на оваа група ќе бидат пилотирани алатките и резултатите од Курикулумот и ќе бидат евалуирани ефектите и ефикасноста на развиениот курикулум.
Втората целна група се обучувачите и давателите на услуги од институциите на стручното образование и обука од секоја земја-учесничка кои заедно ќе учествуваат на работилниците. Обучувачите од стручното образование и обука ќе бидат обучени да го користат и имплементираат развиенот курикулум за подобрување на претприемачките вештини на ниско квалификуваните и невработените млади лица. Потоа, тие ќе бидат во можност да го применат стекнатото знаење и алатки и да ги обучат младите како да развијат свои вештини за подобар пристап на пазарот на трудот и претприемачкиот сектор преку целосно користење на стекнатите вештини.
  1. Извештај од анализа на потребите: Во секоја земја учесничка на проектот ќе биде направена анализа на потребите за да се утврди фактичката состојба на стручното образование и обука и постоечките обуки од областа на социјално претприемништво.
  2. Изготвен курикулум за млади претприемачи преку кој ќе се стекнат со знаење и вештини преку стандарди и цели на учење; лекции кои ќе ги учат наставниците; задачи и проекти кои ќе им бидат дадени на учениците; книги, материјали, видеа, презентации кои ќе се користат на обуката; тестови, проценки и други методи со кои ќе се врши оценувањето на учениците.
  3. Пилотирање на изготвениот Курикулум за Млади Претприемачи на младите лица кои се без формални квалификации и/или без работно искуство. Секоја работилница ќе вклучува најмалку 5-8 учесници на обуката.
  4. Платформа за Е- учење. Развиена за потребите на проектот, каде младите невработени ќе имаат пристап до он-лајн курсевите.
Ќе бидат имплементирани преку мобилност на обучувачите од стручното образование и обука, односно ќе се очекува учество на обучувачи од сите земји-учеснички. Во текот на обуката, обучувачите ќе бидат едуцирани и обучени да го користат и имплементираат претходно развиенот курикулум.